Најмладите од детските градинки и основните училишта од Охрид, денес традиционално, со игра и песна, на малиот градски плоштад,  го одбележаа Денот на Европа . На свеченоста беа присутни претседателката на градскиот Совет, Гордана Коњаноска, и Амбасадорот на Словенија во Република Македонија, Бранко Раковец, кои претходно остварија и работна средба.

Обракајќи се пред присутните, Коњаноска изрази надеж дека со истрајна работа во спроведување на реформите и брз почеток на пристапните преговори , наскоро на плоштадот во Охрид ќе се прослави и приемот на Република Македонија  во Европската  унија .

Ние сме се  чуствувале и се чуствуваме како дел од Европа . Постојано  и посветено работиме на решавање на нашите актуелни проблеми , ги спроведуваме реформите и ги вградуваме европските стандарди. Тоа ни дава  право  да реагираме , кога како клучен услов за влез во Европската унија  , дел од нашите соседи бараат  решавање на некои билатерални , пред се  ирационални  прашања , со што свесно го кочат процесот на нашите евроинтеграции. Древниот Охрид е вистинското место од каде можеме  уште еднаш  да ги упатиме пораките за  чување на  цивилизациските вредности како темел за развој на современите демократските процеси.  Низ вековите Охрид бил крстосница на цивилизациите  и еден од столбовите на развојот на општочовечките хуманистички принципи. Токму затоа , убедени сме дека , охридските длабоки и цврсти просветителски, хумани и културно- историски корени , ќе бидат дополнителен, заеднички предизвик за забрзување на процесот за влез на Република Македонија во големото европско семејство, рече Коњаноска.

Честитајќи го Денот на Европа, амбасадорот Раковец истакна дека со проширување на Евроската  унија се формира најголемиот  единечен пазар кој без оглед на економската криза во некои од земјите членки успешно расте и ја зајакнува позицијата на ЕУ на светски рамки.

Во 2004 се случи најголемото проширување на ЕУ што е важен чекор за реализирање на идејата на обединета Европа, со што се закрепнува поврзувањето на земјите, рече Раковец .

Во рамки на културно забавната програма  учество зедоа најмладите од ЈУДГ „Јасна Ристеска“ и учениците од сите основни училишта во градов. Во организација на основните училишта и охридскиот Црвен Крст се одржа и ликовна  работилница. Преку уметничко изразување децата ги презентираа културите на земјите членки на ЕУ: Словенија, Хрватска, Шпанија, Португалија, Латвија и Литванија.

OhridNews