Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на град Охрид, денес ја реализираше кампањата „Вози трезен-стигни жив“.
На кеј „Македонија“ во близина на охридското пристаниште беше поставен сообраќаен пункт составен од полициски службеник и волонтер на Црвениот крст каде се вршеше доброволно алкотестирање како и делење на пригоден едукативен материјал на сите учесници во сообраќајот пред се на возачите на моторни и други возила. Едукативниот материјал беше поделен на граѓани и низ охридската чаршија и кафе баровите.
Според евиденциите на СВР Охрид, во првите осум месеци од оваа година, во Охрид се случени 216 сообраќајни незгоди што е помалку од минатата година кога биле евидентирани 220 незгоди. Во осуммесечниот период годинава имало 2 сообраќајни незгоди со жртви, а во истиот период лани се случиле три незгоди со трагичен епилог.
Целта на кампањата „Вози трезен-стигни жив“ е унапредување на сообраќајната превенција, подигнување на степенот на сообраќајната култура кај возачите на моторни и други возила и подигнување на свеста за штетните и кобни последици од возењето под дејство на алкохол.
Денешните активности се спроведоа во соработка со општинската организација на Црвениот крст и со полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при СВР Охрид.
OhridNews