По почетна цена од 599 евра по метар квадратен Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија нуди на продажба 40 комерцијални станови во населбата „Расадник“ во Охрид.
Според директорот на Акционерското друштво Цветко Грозданов новата цена на становите е ниска и реална.
-Целта на намалувањето на цената на становите е да се овозможи на охриѓани да го решат станбеното прашање, затоа што Охрид како едно големо туристичко место не би требало да има граѓани кои немаат кров над глава. Цената на метар квадратен е 599 евра, а со првото наддавање достигнува цена од 600 евра. Би сакал да напоменам дека на оваа цена доколку се аплициран на проектот „Купи куќа купи стан“ државата субвенционира 50 % од учеството. Тоа значи дека цената на еден стан од 50 квадрати би се намалила за 4 до 5 илјади евра, појасни Грозданов.
Тој се надева дека и другите градежни компании ќе го земат примерот на акционерското друштво и ќе ја намалат цената на становите по матар квадратен во Охрид.
-Секако дека цената зависи и од локациските улови. Охрид како туристички центар, е нормално да има и луксузно опремени станови и станови кои би чинеле над 1500 или 2000 евра по метар квадратен, рече Грозданов.
Според него продажбата на станови во охридско струшкиот регион стагнира, а тоа се должи на хипер продукцијата на станови кои се изградени во текот на изминатиот период.
Во текот на изминатите неколку години од страна на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор во Охрид биле изградени околу 60 комерцијални станови, како и станбени објекти наменети за социјално загрозените граѓани.
Инаку во рамки на акцијата „Отворен ден со граѓаните“ денеска Грозданов оствари средби со граѓаните на Охрид во врска со Законот за домување како и средби со закупците на деловен и станбен простор коишто имале одредени прашања или се соочувале со одредени проблеми.
OhridNews