Медицински експерти од нашата држава, Италија, Турција, Малта, Португалија, Египет, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија се дел од Петтиот меѓународен конгрес на гинеколози и опстетричари кој се одржува во Охрид во периодот на Светската недела на женското здравје.
Почестени сме што токму нашиот град е избран, да биде домаќин на овој важен научен собир на кој учествуваат врвни медицински експерти од областа на гинекологијата и акушерството, рече градоначалникот Кирил Пецаков вчеравечер на свеченото отворање на Конгресот.
Овој меѓународен конгрес е една исклучителна можност за размена на нови методи за дијагностика и третман, како и за презентација на практични заклучоци за актуелни клинички прашања, кои ќе придонесат за унапредување на женското здравје. Сакам да ја искористам оваа можност и да упатам благодарност до организаторите на настанот, со надеж дека и во иднина успешно ќе се организираат вакви значајни конгресни собири, рече Пецаков.
Воедно потенцираше дека Охрид е град со уникатна природа и непроценливо културно богатство, кое е препознаено како светско наследство заштитено од УНЕСКО.
Затоа ве поканувам, вашиот престој тука да го искористите за да посетите дел од нашите вредни културни знаменитости кои се распослани покрај преубавото Охридско Езеро и да понесете незаборавни спомени. Уште еднаш ве поздравувам и ви посакувам да имате успешен конгрес со желби за уште поголеми научни достигнувања во иднина, рече Пецаков во своето обраќање.
Организатор на конгресот е Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО во соработка со Македонското лекарско друштво.
OhridNews