Денеска, во Спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“ за прв пат во Охрид се одржаа спортските рекреативни игри „Жогарија-Лоптарија“ на кои учествуваат 160 ученици од Основните училишта и од детската градинка „Јасна Ристеска“.
Учесниците имаа можност да ги испробаат вештините во играње фудбал три на три и квизови на знаење и други интересни забавни игри. На присутните им се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски.
– Уживајте и вложувајте се во секој натпревар во кој ќе учествувате. Научете дека спортот е игра,резултатот е битен но сепак дружењето е најбитно. Нека победи најдобриот во коректните и фер игри, а ние како општина Охрид во рамки на своите надлежности секогаш ќе се трудиме да подржуваме вакви и слични спортски случувања кои се битни за сите нас. – изјави градоначалникот Стојаноски.
На настанот се обрати и амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец кој упати неколку пораки до учесниците во спортските натпревари. – Запомнете, сите ние сме деца, вие млади, а ние повозрасни. Секој кој во себе носи младешки дух не зависно од возраста ќе биде успешен. Фер- плеј играта има кружна форма како топката. Некогаш сте горе, а некогаш долу во тој круг. Но не заборавајте секогаш максимално да се трудите не зависно на која позиција сте затоа што на крај ќе бидете дарувани со успех. Не заборавајте го она што денес се случува овде. Вие сте нашата иднина и гордост. – порача амбасадорот Јазбец.
Манифестацијата “Жонгларија – Лоптарија“ е во организација на Медиа спорт од Словенија, а под покровителство на општина Охрид. Славко Сагашчеќ од организациониот одбор им посочи на децата дека спортските игри не треба да се сфатат како битки туку како натпревари во кои победуваат најдобрите. Овој спортско рекреативен настан годинава се одржува во осум држави: Македонија, Словенија, Црна Гора, Италија, Австрија, Унгарија, Хрватска и Србија.