Петнаесет екипи од повеќе амбасади и меѓународни хуманитарни организации учествуваа на вториот натпревар по кулинарство-Софра 2007, што во организација на амбасадата на Русија во Македонија, се одржа во Извидничкото одморалиште во Охрид.
На манифестацијата не се натпреваруваа професионални екипи, туку готвачи аматери. Тимовите од амбасадите беа се облечени во национални носии и подготвуваа традиционални јадења, а најдобрата екипа ќе добие пехар.
“Храната ги зближува не само обичните луѓе, туку и политичарите. Пријателите кога ќе сретнат седнуваат на маса, а тоа го прават и шефовите на држави“, изјави рускиот амбасадор, Владимир Солицински.
Иако аматери, натпреварувачите имаа професионален и сериозен пристап. Најагилен, барем на прв поглед беше српскиот тим на чело со Горан кој го запали ќумбето и почна да прави гулаш.
„Еднаш пред 2 години имам победено, се надевам дека и оваа година ќе го сториме истото“ вели Горан. „Сите народи од овој регион имаат слични кујни, но сепак низ времето додале некои свои посебности со што постанале национални“ додаде тој.
„Штандот“ до нив го имаше турскиот тим. „Репрезентативците“ беа од Охрид, од друштвото „Karabej”. Како и што доликува, најприсутни беа благи работи: локуми, баклави, сутлијаш итн.
Турската „репрезентација“
Русинките повеќе „манекенки“ отколку готвачки
Целта е како што истакна рускиот амбасадор, манифестацијата да прерасне во официјален натпревар на национални кујни и од година во година да станува се` помасовен и попопуларен и на тој начин да придонесува и за развој на туризмот.
Г. Момироски/С. Костоски