СВР Охрид  во соработка со Царвениот крст, денеска за прв пат ќе го одбележи Светскиот ден на сеќавање на жртвите на сообраќајни незгоди. По тој повод во Охрид ќе се организираат низа едукативни манифестации и хуманитарни акции.
 
На плоштадот кај Чинарот, ке биде поставен штанд каде припадници на сообраќајната полиција и активисти на Црвениот крст, ќе делат пропаганден материјал со превентивни и корисни содржини за сите учесници во сообраќајот. Ќе биде поставен видео бим на кој ќе бидат презентирани кратки спотови и ќе се поместуваат одредени слики од случени сообраќајки.

Исто така на повеќе пунктови низ градот ќе се вршат сообраќајни контроли, а предвидени се и други превентивни активности. Во соработка со Црвениот крст, ќе биде организирана и крводариелна акција, во која ќе може да се вклучат сите охриѓани. –објаснува Стефан Димоски, потпарол на СВР Охрид.

Како најзначајна меѓу сите активности по повод овој ден, е поканата до сите охриѓани кои биле учесници во сообраќајни незгоди, да се приклучат во организираните активности по повод одбележувањето на овој ден.

Оваа покана значи еден хуман гест од наша страна до сите оние сограѓани што преживеале сообраќајна незгода. Исто така со нивното учество во манифестацијата за обележување на Светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајните несреќи, ќе може да придонесат многу во делот на едукативните активности за намалување бројот на сообраќајните незгоди.-вели Димоски.

15 ноември како Светски ден на сеќавање на жртвите во сообраќајните несреќи е прогласен со резолуцијата на Организацијата на Обединетите нации , усвоена во  2005 година.  Поради тоа, Македонија преку Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта (РСБСП), годинава прв пат ќе го одбележи Светскиот ден на сеќавање на жртвите на сообраќајни незгоди.