„Неспорен факт е дека политичките констелации и тенденции независно на кој период се однесуваат, секогаш имале директни импликации во регионалните и конечно – националните внатрешни состојби. И вклучително, се разбира, во делот на безбедноста. Ова особено во контекст на перспективите на, условно кажано, помалите држави“, рече министерот Оливер Спасовски во обраќањеto на 10-тата по ред меѓународната научна конференција „Влијанието на големите сили врз безбедноста на малите држави“, што се одржува во Охрид во организација на Факултетот за безбедност-Скопје со поддршка на фондацијата „Ханс Зајдел“ од СР Германија и покровителство на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување.
Процесот на политичко или економско интегрирање, етаблиран во изминативе неколку децении, се покажа како суштествено приоритетен политички механизам особено од интерес за малите држави. Преку тој концепт на политичко делување и партнерство – принципите на соработка, координација, солидарност, добиваат на посебна политичка тежина и значение. Како во смисол на постигнување на внатрешна стабилност на земјите, така и во поглед на заедничката, колективна безбедност. Република Северна Македонија, јасно ги препозна тие и такви тенденции резолутно дефинирајќи, во рамките на своите државни интереси, дека интегративните процеси сe нешто во што вреди да се инвестира како гарант за реална општествена безбедност, но и општествен развој и просперитет. – рече Спасовски.
На конференцијата ќе се дебатира за геополитички судир на концепти и идеологии во регионот, радикализмот и Балканот, руското влијание на Балканот – фактор на дестабилизација или економски развој, влијанието на турската надворешна и безбедносна политика и Балканот, процесот еден појас-еден пат, Кина помеѓу економски промотор и демократски уназадувач, улогата на САД на Балканот, германските интереси во регионот, регионот како транспортен коридор за бегалци, безбедносните стратегии и црвените линии на Балканот и улогата на недржавните актери во безбедноста на Југоисточна Европа.
Меѓу другото на големата меѓународна конференција во Охрид ќе се разговара за новите безбедносни предизвици и асиметрични закани, безбедноста помеѓу стратегиите и црвените линии на Балканот, потоа за хибричните закани како нови предизвици за безбедноста, современи форми на криминал како глобална закана, зајакнување на капацитетот на малите држави и капацитетите за борба против корупцијата и организираниот криминал.
OhridNews