Од понеделник и инспекциските служби ќе можат да ги казнуваат жителите на станбените објекти кои не го испочитувале законот, и не извршија пререгистрација на Куќните совети, за што имаа рок од една година. Но, проблем е тоа што ниту општините, ниту државата не се подготвени за имплементација на законот. Општините се уште немаат формирано посебни инспекциски служби, а државата доцни со формирање на Регулаторната комисијата за домување која треба да издава лиценци на управители на станбените објекти.
Охриѓани и сопствениците на станови во Охрид од другите градови, неодамна предупредија дека примената на Законот за домување во најголемиот туристички центар во земјава ќе оди многу тешко. Како основна причина за тоа тие го посочуваат големиот број на викенд станови кој според груби проценки се движи помеѓу 7 и 10 000.
-Во Охрид ретко која зграда е комплетно населена, претежно тоа се луѓе од Скопје, Белград…. од страна луѓе, а некој едноставно 20 години не се појавени, не можеме да ги најдеме. Има проблеми околу наплатата, околу организирањето на Куќните совети.– посочија претставници на куќни совети со кои разговараше нашата екипа.
Тие укажаа дека и сега имаат голем проблем да ги наплатат основните средства за тековно одржување, а за нешто повеќе не станова збор.
– Многу е тешко да се наплати од станарите дури и минимални средства за одржување што изнесуваат не повеќе од 500 денари годишно за да се одржи лифтот и да се плати струја за осветлување. Тоа се единствени трошоци кои што успеваме моментално да ги собереме благодарение на ангажманот на двајца тројца во зградата, но тоа не обезбедува средства ниту за чистење, а камо ли за некаков резервен фонд или поправка на покрив и слично.-ни изјави жител на таканаречените скопски згради во населбата Далјан.
Станарите во охридските згради се едногласни во размислувањето дека државата наместо да се заканува со казна од 300 евра, треба да ја пролонгира имплементацијата на законот и да спроведе поголема кампања со цел населението да се запознае со обврските и придобивките од Законот за домување.