Во земјава расте бројката на заболени од грип. Според податоците на Републичкиот завод за здравствена заштита -РЗЗЗ до денеска регистрирани се вкупно 3.353 заболени лица од грип. Охрид е меѓу градовите со најмалку регистрирани случаи, каде според РЗЗЗ официјално се евидентирани 41 заболен од грип.
Најмногу пријавени има во Битола, вкупно 1.480 лица, Прилеп каде има регистрирано 1.041 заболен од грип, Ресен со 172 случаи, Тетово со 119 лица.
Грипот е акутно заболување на дишните патишта, предизвикано од вирусите на инфлуенца тип А и Б.Се карактеризира со ненадеен почеток со висока температура, болки во мускулите, главоболка и општа малаксаност, сува, непродуктивна кашлица, црвено грло, солзење во очите и секреција од нос.
Грипот најчесто е самолимитирачко заболување, односно најголем број од заболените се опоравуваат за една до две недели од почетокот на болеста, без потреба од никаков медицински третман, но исклучително е опасен за децата и возрасните над 65 години, како и за хронично болните и лицата кои боледуваат од кардиоваскуларни, белодробни и малигни заболувања.
Како најдобра превентива од грипот лекарите препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе просториите каде се престојува да се загреваат често да се проветруваат, топло облекување, топли бањи, земање топли напитоци (чаеви и супи) и витамини – најдобро овошје и зеленчук богати со витамини, особено витамин Ц, како и мултивитамински препарати.
Г. Момироски