Во Охрид денес беше промовирана платформата Македонската независна листа чие мото е „Нам ни треба Македонија, на Македонија сме и потребни ние“. Новата суверенистичка платформа на претстојните избори  ќе излезе со свои листи. Како што рекоа промоторите, во платформата се обединети македонски движења, партии, независни граѓански здруженија, компании, земјоделски стопанства, и голем дел од македонската дијаспора.

Она што ги соединува граѓаните кои се зад патформата е идејата за ресетирање на Република Македонија, враќање на нејзиниот суверинитет, интегритет и дигнитет во рамки на своето постоење, а воедно враќање на угледот кај соседите, рече на денешната прес конференција промоторот Горан Тасковски.

  • Прва и основна задача на сите нас е Република Македонија како стабилна и перспективна целина во сите нејзини општествени сегменти, пред сé македонските национални интереси, социјала, економија, образование, здравство преку реални проекти и решенија. Целта ни е држава со побогати граѓани со кои нема да може да се манипулира и уценува. Да се ослободиме од постојниот концепт, а со нашето делување да воведеме систем за кој граѓаните преку своите листи со свои избрани кандидати ќе кажат како треба да се управува, рече Тасковски.

Тој додаде дека платформата нуди враќање на државата во рацете на народот, враќање на името и знамето на државата, окончување на вештачката творба „Северна Македонија“, враќање на првиот меѓународно признаен устав на државата од 1991 година со негово референдумско дополнување, раскинување на сите досегашни штетни договори.

На прес конференцијата беше промовирана програмата која нуди решенија засновани врз иновации за раст и излегување од кризи, како што е акцискиот план „Ера Трета.

  • Предвидуваме социо-економски системи што ќе ја удвојат вредноста на денарот, преку автохтони македонски методи, со разработување и поддршка на домашните иновации, патенти. Враќање на одземениот економски суверенитет, но не преку вработувања на измислени работни места туку во реално стопанство обезбременето од трговци, накупци, прекупци, рече Никола Танчевски.

„Македонска независна листа“ е составена од: „Движењето Бојкотирам“, „Мир“, „Беломорска партија и Егејските здруженија“, „Фаланга за Вечна Македонија“, Кординативното тело на Македонците во Европа, Македонското иселеништво преку Кординативното тело на македонците во светот, црковни општини во дијаспората, 120 независни граѓански здруженија, компании, земјоделски стопанства и поединци.

OhridNews