Во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“, во Охрид вчера беше промовирана книгата „Костантин С. Шахов Книжевност“ од д-р Томе Груевски, професор по комуникологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
За најновата, триесетта по ред книга на авторот, како и за творештвото на охриѓанецот Шахов, зборуваа М-р Милчо Јованоски и новинарот и ликовен уметник Светомир Стефановски.
Милчо Јовановски, потсети на првата книга за Константин (Коста) Шахов од д-р Груевски, со која се одбележа сто и педесетипет годишнина од раѓањето, додека лани, на 15 август, со промоцијата на студијата „Коста С. Шахов – Публицистика’ беше одбележана и стогодишнина од смртта на Шахов – човекот кој се смета за основоположник на македонската журналистика.
– За разлика од првата книга за охриѓанецот Константин Шахов, која ја промовиравме, исто така, во Охрид, која, главно се задржува на неговата публицистичка и новинарска дејност, втората книга што ја промовираме денес, содржи поголем број раскази и други литературни содржини, со преглед на книжевното творештво, а меѓу нив е и расказот “Зугра” со асоцијацијата на популарната пиеса “Македонска крвававa свадба”, рече Јованоски.
Светомир Стефановски. за новинарот, универзитетски професор пои комуникологија, новинарство и односи со јавноста, д-р Груевски, рече дека е основоположник на студиите по односи со јавноста во Република Македонија.
– Уште од средношколските години се занимаваше со новинарство, во времето на студиите беше соработник, уредник и главен и одговорен уредник на весникот “Студентски збор”, а подоцна и директор. Беше главен и одговрен уредник на часописот “Дијалог”. Носител е на признанијата за новинарство: “Мито Хаџивасилев-Јасмин”, “Новинарско перо” на ЗНМ, награда “4.Ноември” на град Битола и други. Според неговата книга “Системот на јавното информирање во Македонија”, концепиран е современиот македонски комуникациски систем – потенцираше Стефаноски.
Со овој труд е одбележана 130 годишнината од излегувањето на весникот „Македонија“ што се појавил во градот Русе во 1888 година.
Груевски на директорката на Библиотеката Змејкоска, и ги врачи двете цедиња со снимени документи за животот и делото на Шахов, додека таа му врачи сертификат за почесен член на Библиотеката.
Со промоцијата на книгата на д-р Груевски, беше означен и почеток на проектот: „Кога книгата и музиката другаруваат“ на НУ Библиотека Григор Прличев“ и Основното музичко училште „Методи Патче “ од Охрид.
На сите промоции во Библиотеката од октомври 2018 до јуни 2019 ученици од ОМУ ќе настапуваат со една до две точки, а библиотеката ќе им подарува книга. На тој начин ќе се популаризираат книгите, музиката и младите изведувачи.
OhridNews
фото: Емил Јовановиќ