Саморегулацијата во медиумите како принцип кој доведува до поголема професионалност и етички стандарди во новинарството, е главната тема на презентацијата на Советот за етика на медиумите во Македонија(СЕММ), што ќе се одржи на 24- ти април во Охрид. Членовите на Управниот одбор, на Жалбената комисија и на Извршната канцеларија кои ќе присуствуваат на презентацијата, ќе го промовираат принципот на саморегулација, досегашните искуства на Советот за Етика и соработката со слични тела во меѓународни рамки.
Настанот ќе биде искористен и за прикажување на поинтересните случаи кои досега биле обработувани од Жалбената комисија на СЕММ, како и ефектот на медијацијата што е една од главните алатки што ги применува Советот при решвањето на пријавите за непрофесионално и неетичко новинарство.
СЕММ е невладина организација формирана од повеќе медиуми пред една година, а функционално започна со работа пред околу 6 месеци. Главната цел на СЕММ е поголем степен на почитување на етичките стандарди во новинарството, како и поедноставен пристап на јавноста (граѓани, институции и правни лица) до раководствата на медиумите, кога ќе се почувствува некаква повреда на дел од правата или непрофесионално известување. Главното мото на СЕММ пак е – Колку повеќе саморегулација, толку помалку (државна) регулација.
Настанот ќе се оддржи во хотел Милениум , со почеток од 16 часот и е отворен за јавноста.
OhridNews