Деновиве во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ се оддржува третата Меѓународна изложба на фотографии, во организација на Фото група „Ф7“од Куманово, а со патронажа од ФИА, ПСА, УПИ и ФСМ Македонија.
3-членото жири составено од Цветан Гавроски – мајстор на фотографија, Владимир Секулоски – кандидат за мајстор и Зоран Пургер – мајстор на фотографија од Србија, треба да одлучат кои се најдобрите дела од вкупно пристигнатите 4000 фотографии од 430 автори ширум светот.
„Пристигнати се околу 2600 фотографии во дигитална и околу 1250 во принт форма. Темата е слободно, а зборуваме за црно бела или колор дигитална, односно принт фотографија. Жирирањето за принтот се врши по принцип на деселекција, односно жирито поминува круг и дава свое мислење која фотографија да влезе во потесниот избор. Се примаат околу 25 отсто од делата, додека на крајот жирото врши уште една селекција и доделува 27 награди од една секција.“ – вели Филип Филиповиќ од Фото група „Ф7“ од Куманово и официјален член на ФСМ(Фото Сојуз на Македонија).
Како што објаснува Филиповиќ, селекцијата на дигиталните фотографии оди според соодветен компјутерски бодовен систем.
„Се собираат резултатите од жири комисијата, а секоја фотографија носи свои бодови. На крајот, 25 отсто од делата кои најдобро котираат влегуваат во потесен избор. Последниот збор го имаат членовите на жири-комисијата, односно тие избираат 50 фотографии кои се најдобри, даваат мислење за истите и одлучуваат кои ќе добијат награди.“ – објаснува Филиповиќ.
Дека Македонија изобилува со талентирани фотографи говори фактот дека на оваа изложба, свои дела имаат испратено околу 30 домашни автори.
„Оваа изложба се организира по принцип на плаќање партиципација, од која се ослободени членовите на Фото сојузот на Македонија. Тематиката опфатена во фотографиите е слободна, а со овие уметнички дела во идниот период ќе биде отпечатен каталог.“ – додава Филиповиќ.
Инаку, покровител на настанот е Министерството за култура, како спонзор се јавува НУ Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид, а ко-спонзор е Културниот дом „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
О.Т.