Корупцијата и криминалот не познаваат граници. Мораме да бидеме единствени во заложбите кои ги преземаме на национално и регионално ниво. Ова е заедничка инвестиција со која ќе изградиме подобар и просперитетен регион, целосно интегриран во Европската Унија, истакна вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на денешната конференција во Охрид на која ќе биде усвоен „Регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансии“.

Ние земјите од Западен Балкан имаме една заедничка цел, а тоа е преку спроведување на системски реформи и комплетно прифаќање на демократските вредности, владеењето на правото и правната држава да бидеме дел од европското семејство. И Северна Македонија има силна заложба во тој правец, а токму борбата со корупцијата е еден од клучните приоритети на оваа Влада, нагласи Николовски.

Коруптивните дејствија, додаде, се транснационален проблем и прашање, кој е погубен за напредокот на демократските општества и бара заедничка акција и соработка на сите вклучени страни.

Нашата политичка волја и напор за спречување на корупцијата е јасно и недвосмислено да чекориме по патот, по кој целиот демократски свет очекува да се развива иднината на сите земји во регионот, да создаваме општество во кое нема да има место за корупцијата, во кое ќе се почитува правото и заштитата на човековите права на секој граѓанин, рече Николовски.

Борбата против корупција и нелегалното финансирање, според министерот за внатрешни работи Спасовски, опфаќа широк спектар на области на дејствување и повеќе засегнати страни на национално, регионално и на меѓународно ниво.

Координирањето на ангажманот во сите овие области и на сите овие засегнати страни би било обемно и нецелисходно, но еден насочен пристап, со утврдени заеднички приоритети, при што нивната реализација ќе се одвива постепено, е нешто што би било поефективно и реално изводливо. Токму овој пристап и го усвојуваме со документот што денеска ќе го одобриме, испорачувајќи регионален патоказ, кој се фокусира на подобрување на имплементирањето на постојните мерки за борба против корупција и нелегално финансирање, преточени во неколку приоритетни области, мапирајќи и разбирајќи ги идентификуваните недостатоци што ќе ги адресираме преку насочена акција, рече Спасовски.

За министерот за правда, Маричиќ, криминалот и корупцијата се меѓу најголемите предизвици со кои се соочуваат современите општества.

Ако се осврнеме на разноликоста на организираниот криминал и корупцијата во сите нивни форми, како и нивната позиционираност во високите слоеви во општеството станува јасно зошто е широка распространетоста на оваа општествена девијација опфаќајќи ги дури и институциите на прогонот и судовите со што дополнително се усложнува борбата со овој феномен, рече Маричиќ.

Патоказот против корупцијата и нелегални финансии ќе се фокусира на неколку клучни области како што се јавните набавки, системите за обелоденување на имот, приходи и камати и создавањето на специјализирана оперативна мрежа на обвинители за корупција и економски криминал, агенциите за спроведување на законот и единиците за финансиско разузнавање во регионот. Оваа мрежа ќе работи на проактивно таргетирање на типологиите на криминал како што се кривичните дела за корупција, криумчарење пари, перење пари преку секторот за недвижнини, корупција во спорт.

OhridNews