Македонија и Украина денеска во Охрид потпишаа Протокол за трговска либерализација. Со одлуката што во рамки на состанокот на Mешовитиот комитет за економска сорабтотка ја потпишаа заменик-претседателот на Владата за економски прашања Зоран Ставрески и заменик-министерот за економија на Украина, Виталиј Пјатницкиј се  елиминираат квотите  за земјоделските производи кои во иднина ќе можат да бидат извезувани и увезувани без царина.


Потпишан Протоколот за трговска либерализација помеѓу Македонија и Украина

Очекувам оттаму што Украина е голем пазар со голема побарувачка, а Македонија има компаративни предности во земјоделството, македонските земјоделци да ја искористат оваа шанса да извезат поголеми количини овошје, зеленчук. Во таа насока се планира и отварање на откупно-дистрибутивен центар од страна на украински бизнисмени во Макеоднија, што заедно со денеска потпишаното ќе продонесе за зголемен извоз на стоки во Украина, изјави Ставрески.


Зоран Ставрески

Покрај ова, на состанокот на Мешовитиот комитет за економска соработка било договорено воспоставување директна авионска линија со Украина, најавен е и првиот извоз на производи на „Алкалоид“ и Витаминка во Украина, како и поголема соработка во областа на градежништвото и инвестициите.


Владите на двете држави ќе вложат максимални напори за успешна завршница како на отпочнатите, така и на идните економски проекти, односно дека добрата соработката на владино ниво дава сигнал до стопанствениците дека можат спокојно да работат, истакна украинскиот заменик-министер Пјатницкиј.


Виталиј Пјатницкиј

Во работата на Македонско-украинскиот бизнис форум што денеска завршува во  Охрид, учествуваат претставници на 80-тина компании од  двете земји. Украина е еден од најголемите трговски
партнери на Македонија, а вкупната размена помеѓу двете земји минатата
година достигна 206 милиони долари.

Ohridnews