Министерството за локална самоуправа, Државна агенција за стратешко програмирање и координација на помош (SASPAC) на Албанија и Европската Унија, во Охрид официјално го означија почетокот на имплементацијата на  ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, преку која се обезбедени 13,79 милиони евра за проекти, за периодот до 2027 година.

Целта на програмата е промовирање на одржлив развој, заштита на животната средина и социо-економски раст, со фокус на подобрување на прекуграничниот регион преку одржлив туризам, културно наследство и иницијативи за адаптација на климатските промени, информираат од Министерството.

На настанот присуствуваат претставници на општините и на граѓански здруженија од двете држави. Претставниците од Оперативните структури на двете земји, како и од  Делегацијата на ЕУ во Скопје ги информираа учесниците за  целите на програмата, како и за начинот на имплементација. Притоа беше истакнато како корисно искуството  и успехот на програмата од  ИПА вториот програмски период.

Финансирањето е стратегиски поделено меѓу областите заштита на животната средина 6,3 милиони евра, одржлив туризам и културно наследство 6,3 милиони евра, и техничка помош во висина од 1,19 милиони евра за поддршка на имплементацијата на програмата ИПА 3 која има за цел да ги подобри условите на живеење и да создаде нови можности за општините и за граѓаните од пограничниот регион. Со покривање до 85% од трошоците од страна на ЕУ, оваа иницијатива ја истакнува важноста на соработката во адресирањето на регионалните предизвици и засилување на локалното управување, потенцираат од Министерството.

Настанот се одржа во Службата за спасување во планини, на Црвениот крст во Охрид, во организација на Заедничкиот технички секретаријат и Антената во Албанија.

OhridNews