На местото каде некогаш се наоѓаше работилницата на мајсторот Вангел Деребан, вечерва, во срцето на охридската чаршија, е отворен музеј посветен на филигранот, со поставка на филигрански алат, место каде ќе биде презентирано културното богатство сочувано од семејството Деребан.

Станува збор за проект поддржан од ЕУ со грант преку Проектот за регионална и локална конкурентност, а предвидува нов објект, внатрешно уредување, со три простории од кои едната е резервирана за поставка во која е изложен накит и предмети изработени од филигрански мајстори, потоа историски преглед на филигранскиот занает низ времето, како и работилница за изучување, запознавање и презентација на вештините на филигранството.

Пред туристите кои доаѓаат во Охрид, но и пред нашите сонародници да презентираме она што го имаме, сето наше богатство за да видат кои сме биле и кои сме и да дадеме поттик сложно да работиме и да градиме тука во нашата Македонија, изјави Никола Деребанов, внукот на мајстор Вангел Деребан.

Никола, кој инаку работи како директор во позната винарија, рече дека и тој како и неговиот татко, па и прадедо, се мајстори кои го познаваат филигранскиот занает.

Имаме еден аманет од дедо ми, без разлика што и да е нашата професија, секогаш да го чуваме она што го познаваме за занаетот. И јас и татко ми го знаеме филигранството. И мојот прадедо кој бил учител, знаел да работи филигран, тоа и го работел во поодминатите години од животот, рече Никола Деребанов.

Во изложбениот простор е презентиран накит стар и неколку века што ги собирал неговиот дедо, но и парчиња што самиот Вангел Деребан ги изработувал.

Експонатите изложени во музејот се семеен накит, парчиња што дедо ми и неговиот татко ги собирале, а се од 18 и 19 век, изработени од македонски кувенџии. Има целосен накит и женски и машки, од украси за глава, накит за облека, верски и црковни предмети се до машки предмети од филигран како ќостеци, чибуци и слично, рече тој.

Дел од објектот е наменет за работилница каде тројца мајстори од Охрид ќе бидат ангажирани да изработуваат филигран, да подучуваат млади заинтересирани за занаетот, но и да презентираат пред заинтересираните и туристите како се изработуваат филигрански предмети.

Посетителите тука можат да видат предмети изработени пред повеќе од 200 години, женски и машки накит со полудраги и драги камења. Има прстени, ѓердани, како и вреден накит кој ги красел носиите. Денес накитот го изработуваме исто така рачно, но на малку пософистициран начин. Туристите се љубопитни, сакаат да ја чујат приказната како се изработува накитот, а најценет е тој со македонски рубин. – истакна Митко Укоески изработувач на филигран.

Во рамки на свеченоста на отворањето на музејот со работилницата беше презентирано и реизданието на книгата „Македонскиот накит“ на Вангел Деребан.

Фото галерија:

Во Охрид отворен Музеј со кујунџиска работилница за филигран на Вангел Деребан

OhridNews
Фото: Анамарија Момироска