Денешниот празник е потсетување дека никој нас не не ослободувал туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна народноослободителна војна…Вие, војниците и офицерите, питомците и ветераните на Армијата сте вистинските чувари на наследството, слободната македонска држава која пред 80 години на АСНОМ ни ја оставија нашите храбри претци. Тоа го истакна претседателката и врховна командантка на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето пред присутните на Централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија што денеска се одржа во Охрид.
Сиљановска Давкова во оваа прилика посочи дека силата ни извира од единството на нашите различности, етничка, верска, јазична, генерациска, полова, идеолошка…
Сите сте поврзани и обврзани со свечената заклетва дека ќе ги браните слободата, суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Насушна и непресушна потреба и чест е дисциплинирано, чесно и совесно како и досега да ги извршувате воените должности. Тоа го правите постојано и беспрекорно…најмногу со безрезервната поддршка и помош што им ја давате на македонските гражани и институциите во справувањето со елементарните непогоди какви што беа пожарите летово. Вие сте важен мировен гарант и потенцијал во овие тешко времиња на голема неизвесност…рече меѓу другото таа.
Претседателката посочи дека најважно од се е што покрај активното меѓународното присуство, припадниците на Армијата се тука, дома, секогаш и секаде каде е најпотребно.
Додека го прославуваме овој празник, дел од припадниците на Армијата се борат со огнените стихии ширум државата. Во овој миг помагаат во гаснењето, заштитата на граѓаните и добрата…Години наназад редовно се ангажираше во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби. Секогаш тоа го правеше професионално и пожртвувано, затоа Армијата континуирано ужива највисока доверба кај македонските граѓаните, истакна таа, искористувајќи ја можноста да укаже на потребата од спроведување реформи на системот за заштита и спасување и управување со кризи, да се детектираат и корегираат институционалните и професионалните недоследности, како и да се креира логичен и ефикасен систем за справување со кризи.
Претседателката во својство на Врховен командант на оружените сили го назначи генерал-мајорот Сашко Лафчински за началник на Генералштабот на Армијата, функција што изминатите два мандати ја вршеше генерал-полковникот Васко Ѓурчиновски.
Новоназначениот 12-ти по ред началник на Генералштабот на Армијата, Лафчински, веднаш по стапувањето на функцијата, рече дека му е укажана голема чест да ја предводи институцијата што е синоним за вредности и принципи, но и уште поголема е одговорноста.
Ќе го вложам целото свое знаење, искуство и капацитет во исполнување на мисијата на Армијата, во нејзината подготовка за одбрана и заштита на државата и одбрана на националните интереси, како дома така и надвор, рече Лафчински.
Началникот на Генералштабот во оваа прилика истакна дека ќе продолжи да работи на градење на капацитетите и способностите на Армијата, интеграција на развојните планови со Планот за транспормација и плановите за модернизација, се со цел постигнување највисока борбена готовност и подобрување на интероперабилноста со сојузниците и партнерите.
Искреноста, чесноста и етичкото однесување мора да бидат темел на нашата Армија. Ние им служиме на граѓаните и секогаш мора да бидеме достојни за нивната доберба. Затоа очекувам од секој од вас да ги одржувате највисоките стандарди на интегритет во сите негови форми. Од оваа позиција уште повеќе верувам во моќта на тимската работа и инклузивноста…затоа повикувам во јакнење на колективот кон нови победи, рече тој, притоа најавувајќи ги неговите планови и приоритети, на ставање во оперативна функција на вооружувањето и опремата обезбедени согласно планот за модернизација. Еден од врвните приоритети, како што посочи, ќе остане развојот на лесната пешадиска батаљонска група, преку која радијално че се зголемуваат капацитетите и способностите на останатите единици.
Во име на Владата пред присутните на свеченоста се обрати министерот за одбрана, Владо Мисајловски, кој на припадниците на Армијата им се заблагодари за нивниот професионализам, нивните жртви кои секогаш биле на браникот на татковината, во првите редови за заштитата на граѓаните во кризни состојби, но и нивниот придонес во регионалната и глобалната безбедност преку мисиите на НАТО и ОН…
Во овие кревки времиња од особена важност е билатералната и регионалната соработка, соработката со ЕУ, но од особена важност е и соработката со нашите соседи…Она што престои во нашата работа за одржувањето стабилна и безбедна држава, но и зачувување на мирот во глобални рамки. Тоа значи изработка на нови стратешки документи, нова стратегија за одбрана, ажурирање на долгорочниот план за развој на одбранбените способности и на планот за управување и модернизација, неопходни за справување со новите предизвици, рече Мисајловски, истакнувајќи ги заложбите на Владата за обезбедување буџет за одбраната што ќе продолжи да расте и да ги надминува минималните два проценти од БДП.
Тој нагласи дека останува посветеноста во надградбата на капацитетите на Армијата и на сите останати безбедносни институции, како и институциите за образование и обука на кадар – Воената академија, Институтот за безбедност, одбрана и мир, Факултетот за безбедност.
На денешната свеченост присуствуваше највисокото државно раководство, претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено-дипломатскиот кор, командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот и други гости од општествениот живот.
Извор: МИА
Фото: ПРМ