Во општина Охрид нема регистрирано случаи на заболени со мали сипаници(морбили), информираат од Центарот за јавно здравје. Нема ниту зголемен интерес за вакцинирање на децата, по прогласувањето на епидемија од ова заразување во Скопје.

Од охридскиот Центар за јавно здравје потенцираат дека во Охрид, за разлика од останатите градови во земјава, процентот на вакцинирани деца е поголем, но точните податоци ќе можат да се соопштат за неколку дена, бидејќи во тек се пресметките на собраните податоци за изминатата година.

Инаку, по откриените нови случаи на заболени од мали сипаници во Скопје, од страна на министерството за здравје беше прогласена епидемија во главниот град. Од министерството апелираа до сите родители да ги вакцинираат децата со МРП вакцина, а од министерството за труд и социјална политика потсетија дека казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра.

Дел од родителите се за вакцинација и сметаат дека нивното дете на тој начин е заштитено од ваквите заболувања, а останатите и понатаму се скептични поради бројните информации пласирани минатиот период околу можните негативни последици од вакцинацијата.

Од министерството за здравство напоменуваат дека МРП вакцината е висококвалитетна, и дека производител е компанијата GlaxoSmithKline од Белгија.

OhridNews