Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2023 година, живородени се 4 019 деца во држава и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е намален за 8.9 %. Бројот на умрените лица во второто тримесечје годинава бележи намалување од 0.5 % во споредба со истиот квартал лани, односно починале 4 730 лица, а од нив шест се умрени доенчиња. Природниот прираст е негативен, – 711 лица, односно за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Во Охрид во овој период живородени се 95 деца, бројот на умрени лица е 142. Со ова природниот прираст е во негатива 47 лица. Во Струга живородени се 131 дете, додека починати се 85 лица и со ова бележи позитивен прираст од 46 лица. Склучени бракови во овој период во Охрид се 118, а разведени 23, додека во Струга 84 склучени и 72 разведени бракови.

На ниво на држава склучени се 3 228 бракови, што претставува зголемување од 10.9 % во споредба со истиот период од 2022 година. Во ова тримесечје се добиени 467 извештаи за разведени бракови.

Н.С.Ј.

извор. ДЗС