Бројот на живородените деца во Охрид во четвртото тримесечје од 2024 година е 111, додека бројот на умрените лица е 167, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Според ова се бележи негативен природниот прираст од – 56. Во статистичкиот период во Охрид се склучиле 56 бракови, а имало 14 разводи.
За разлика од Охрид, во четвртото тримесечје од 2024 година во Струга се бележи позитивен природен прираст на населението. Бројот на живородените деца е 119, а починале 115 лица. Во последното тримесечје од минатата година биле склучени 75 бракови, а имало 12 разводи.
И на ниво на држава се бележи негативен природен прираст кој изнесува -1 206, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2024 година, во споредба со истиот период од 2023 година, е намален за 4.2 % и изнесува 3 968 живородени деца. Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2024 година бележи намалување од 1.0 % во споредба со истото тримесечје од 2023 година и изнесува 5 174 лица, а од нив 10 се умрени доенчиња.
Намален е и бројот на склучените бракови во четвртото тримесечје од минатата година за 14.7 % во споредба со истиот период од 2023 година и изнесува 2 430 бракови. Во ова тримесечје од 2024 година е регистриран 601 разведен брак, што претставува зголемување од 23.9 % во споредба со истиот период од 2023 година.
Н.С.Ј.