Во организација на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид се одржува XVII Меѓународна научна конференција за услужен сектор (International Scientific Conference on Services Sector – INSCOSES 2024).
На Конференцијата учествуваат повеќе од 60 експерти од 20 научни и професионални институции од 11 различни земји кои ќе изнесат стручни видувања на актуелните состојби и трендовите во услужниот сектор и туризмот.
Овој настан е еден од најзначајните научни настани во Охрид во тековнава година, со големо влијание на развојот на научната мисла, иновациите и решавањето на предизвиците во услужниот сектор, не само во нашата земја туку и на глобално ниво, велат организаторите на Конференцијата.
Добредојде на учесниците им посака директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Билјана Стефаноска, која го истакна значењето на науката во развојот на туризмот, потенцирајќи ја уилогата на високобразовните установи во земјава, пред се на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид кој седумнаесетти пат ја организира оваа научна конференција.
Од име на градот домаќин, учесниците ги поздрави градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков кој изрази задоволство што оваа значајна Меѓународна научна конференција се одржува во Охрид.
Бројката од 60 научни и стручни работници од 20 научни и професионални институции од 11 земји е повеќе од импресивна и само докажува колку е сериозен и значаен овој настан за сите нас. Научните заклучоци кои ќе се донесат по дводневната ваша работна средба, размената на искуства и идеи се од клучно значење ако се земе во предвид дека услужната дејност е една од основните во Охрид кој од секогаш бил топ туристичка дестинација на Балканот. Осознавање на пропустите за досега сработеното, решавање на проблемите и внесување на иновации е она за кое сум повеќе од сигурен дека ќе расправате. А ние се што е добро ќе прифатиме и примениме со цел Охрид да биде попривлечна и поинтересна дестинација за побројни гости од земјава и странство, истакна Пецаков.
Во Охрид науката дебатира за состојбите и актуелностите во услужниот сектор и туризмот
Г.М.