Граѓаните на Охрид, пред се агенциите и приватните станоиздавачи кои регуларно ја обавуваат својата дејност, реагираат, на појавата на нелојална конкуренција, која како што велат  е најизразена во шпицот на туристичката сезона.
 
– Сите сме сведоци на хаосот по улиците на Охрид и многуте станоиздавачи кои ги пречекуваат туристите нудејќи сместување со надеж да го “закрпат” домашниот, истенчен буџет. Згора на тоа, сега локалните жители се “појачани” со колеги од другите места на Македонија, а и од околните држави кои во Охрид ја видоа својата мека, идеална за сезонска заработувачка, вели граѓанин на Охрид, кој сакаше да остане анонимен бидејќи, како што рече стравува од реперкусии.

Тој вели дека надворешните посредници не претставуваат опасност само по туризмот, туку и во сообраќајот.

– Овие “друмски разбојници”, платеници кои работат за провизија од закупени туѓи станови, наоружани со кациги крстосуваат низ градот на мотори предизвикувајќи опасност во сообраќајот и им ги преземаат гостите на локалните жители кои вака не можат да ги издадат сопствените станови, вели граѓанинот. Тој прашува што прави инспекцијата и дали некој ги легитимира овие лица кои создаваат хаос и незаконски профитираат.

Раководителот на  општинскиот инспекторат, Танас Танасоски,  на неодамна одржаниот состанок со претставници на полицијата и угостителскиот еснаф најави дека во летниот период ќе бидат  засилени контролите на терен со цел да се стави крај на девијантните појави. Тој рече дека нема селективност во работата на инспекциските служби и најави санкции против сите кои го прекршуваат законот за туристичка и угостителска дејност.

Ohridnews