Охридската публика ќе има можност да погледне две филмски проекции, во рамки на програмата на 8-то издание на Фестивалот на француски филм, кој годинава ќе се одржува 17-ти до 20-ти јуни 2015 година. Според првичната фестивалска програма, филмовите ќе бидат прикажани во рамки на свеченото затворање на фестивалот кое ќе се одржи на 20-ти јуни во Охрид.
И годинава свеченото отворање фестивалот ќе се одржи во Скопје во киното „Милениум“ во Скопје во присуство на ексклузивни гости од француската кинематографија. Во рамки на свеченото отварање ќе биде прикажан филмот „Борци“ на Тома Каје, со актерите Адел Енел, Кевин Азаис и Антоан Лоран.
На 18-ти јуни, во „Кинотека Македонија“ ќе има проекција на филмот „Тато или мама“ од режисерот Мартин Бурбулон. Во киното „Фросина“ ќе има проекција на филмот „Французинката“ на Седрик Именез, а во Кино „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Со сите сили“ на режисерот Нилс Таверние.
На 19-ти јуни во „Кинотека Македонија“ ќе се прикаже филмот „Маестро“ на Леа Фазер, во кино „Милениум“ ќе има проекција на филмот „Семејството Овнови“ на Ерик Лартиго. Истата вечер во кино „Фросина“ ќе се прикаже филмот „Пената на деновите“ на Мишел Гондри.
На 20-ти јуни во 18:30 часот во Центарот за култура „Григо Прличев“ во Охрид ќе биде прикажан филмот „Не во тој стил“ на Лика Белво со актерите Емил Декен и Лоик Корбери. Во 20:30 часот ќе се органиизра Свечено затворање на фестивалот и црвен тепих, а во 21 часот ќе се прикаже филмот „Идеален човек“ на Јан Гозлан со актерите Пјер Нине и Ана Жирардо.
Освен проекциите на филмови во рамки на фестивалската програма се предвидени професионални средби помеѓу француски и македонски филмски работници од областа на дигиталните уметности, а ќе се одржат и низа презентации и работилници.
OhridNews