Спортско риболовните клубови „Рибарска Вистина“ и „Свети Апостол Петар“ од Охрид ќе организират зимска меѓународна лига „Охрид 2011“ во спортски риболов во дисциплината „Лов риба со јадица на пливка“ во конкуренција на сениори.

Во лигата која ќе стартува на 27 февруари учество ќе земат околу десетина екипи од Македонија и регионот. Лигата која ќе се одржи во две кола, а ќе се лови на  риболовната патека „Канал Студенчишта“.

Охридското риболовно подрачје е единствено на Балканот кое располага со водени потенцијали кои овозможуваат да се организираат натпревари во спортски риболов и во други водени дисциплини во овој период, особено во дисциплината „Лов риба со јадица за пливка“ во сите категории. Константната температура на водата на каналот Студенчишта и во зимски и во летен период од околу 12 степени целзиусови придонесува каналот да биде зимовалиште на повеќе видови.

Нашата цел со организирање на оваа зимска лига и со организирање на други натпревари од областа на риболовот да ги зацртаме насоките по кои сакаме да го  развиваме спортскиот и риболовниот туризам, и тоа во зимскиот период, кога туристичката понуда и посетеност на Охрид е минипална. Наредната година зимската лига планираме да се одржи во 5 кола, почнувајќи од месец октомври па се до крајот на месец март со учество на над 20 екипи од Македонија и соседните земји, велат од Спортско риболовниот клуб „Свети Апостол Петар“ од Охрид.

Риболовци додаваат дека се револтирани на Министерството за одбрана и генералштабот на АРМ затоа што се одбиени двете барања за одржување на организиран натпревар кој трае само 4 часа на страната на каналот кој му припаѓа на „Центарот за обука на вода“, а каде е сконцетриран поголемиот дел од рибата.

Не можеме да ја разбереме одлуката на овие две институции кои не сакаат да го помогнат развивањето на спортот во Охрид и Македонија. Нашите натпреварувачи организирано со список влагаат и излегуваат од просторот на „Центарот за обука на вода“. Мислам дека нема никаква опасност по безбедноста за разлика од летниот период кога во просторот на „Центарот за обука на вода“ се шетаат и влегуваат со разни возила во внатрешноста на центарот домашни и страни државјани од многу земји, кои внесуваат полни канистри со лесно запаливи горива, со кои ги полнат нивните глисери кои се врзани  на јазли на брегот од страна на „Центарот за обука на вода“. Дневно низ центарот ќе продифилираат голем број на страни и домашни државјани непристојно облечени во бикини или друга непристојна облека за тој објект, а и се прави скара на отворено, велат од клубот.

Ohridnews