Градоначалникот Петрески не информираше дека планот за изградба на марина чека на одобрение од Министерството за транспорт и врски, по што се очекува да започне изградбата на овој капитален објект. Потребата од изградба на марина во Охрид е голема, особено поради фактот што покрај многуте пловни објекти на граѓаните, се зголемува и бројот на атрактивни јахти и глисери за кои нема соодветно место за чување. Според планот марината ќе биде од модерен тип со бензинска пумпа и други пропратни елементи кои ќе ја гарантираат безбедноста на пловилата.
Првично големата марина беше предвидено да се изгради во близина на каналот Студенчишта, но за да се направи тоа ќе треба да се дислоцираат војската и полицијата. Токму поради тоа, како и поради фактот што во близина е планирана изградба на хотелски комплекс, кај каналот ќе се гради помала марина, вели Петрески. Кога ќе започне изградбата на марините, ќе зависи од комплетирањето на потребната урбанистичка документација, вели Петрески, кој е оптимист дека тоа ќе се случи наскоро.