Во наредните десет  години на охридската ривиера  ќе бидат изградени 7-10 нови хотели. За  дел од нив како што информираше вицепремиерот за економски прашања, Зоран Ставрески, владата веќе  распишала меѓународни тендери.

“Оние парцели кои се слободни веднаш ги понудивме за продажба а за останатите оставивме да се расчистат одрдени имотно правни односи. Ќе се градат различни типови хотели ,од луксузни до хотели од средна класа“, рече Ставрески. Тој рече дека повеќе светски брендови искажале интерес за изградба на хотели во Охрид, но не соопшти ниту едно име.

Со Генералниот урбанистички план за крајбрежјето предвидено е хотели да се градат на просторот кај специјалната детска болница, кај некогашниот Пионерски дом,  на просторот кај бараките на Трудбеник и Гранит и во населбата Даљан, а за најатрактивна се смета локацијата во Горица 3 веднаш до елитниот хотел Инекс Горица.


атрактивната локација кај Горица 3

Раководителот на секторот за урбанизам при локалната самоуправа, Бранко Арнаудов  информираше   дека сите локации на кои е предвидена изградба на хотели се чисти и не се води постапка за денационализација . За  нив веќе пројавија интерес странски инвеститори од   Италија, Швајцарија, Германија, Словенија, Австрија и Англија, рече Арнаудов.


Странците заинтересирани за Охрид. Бранко Арнаудов

Експертите сметаат дека идејата   да се привлечат  светски хотелски брендови е добра за развој на елитниот туризам кон што треба да тежнее Охрид. Професорот на Факултетот за туризам и организациони науки, Науме Мариноски, смета дека градот има и потенцијал и капацитет за равој на елитизмот и дека не постои опасност од губење на традиционалните вредности по што Охрид е познат.

“Мислам дека тие можат паралелно да се развиваат дури и во туристичката понуда на елитните хотели  ќе се најде место за определени анимациски форми кои ќе го вклопат традиционализмот на овој простор, меѓутоа не може Охрид да се развива на социјална основа како што беше до 60-те години, во наредниот период елитизмот ќе мора да заживее“, вели Мариноски.

Според него во светот има многу малку простори како Охрид и затоа тие простори не можат туку така да се продаваат за ниски цени. Последните потези  на владата водат  кон правилен развој на туризмот смета Мариноски, според кого, за да не заостане зад светските текови Македонија треба да го развива  елитизмот како нов туристички бренд.

Г. Момироски