„Современи безбедносни парадигми и предизвици: теорија и пракса“ е насловена Конференцијата која денеска и утре ќе се одржува во Охрид. Организатор на овој научен собир е Институтот за безбедност, одбрана и мир кој функционира во рамките на Филозофскиот факултет од Скопје.
Интерес за конференцијата покажале повеќе од 120 апликанти и над 30 активни учесници од САД, Ирска, Шведска, Шпанија, Италија, Словачка, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Австралија, Летонија, Руанда, Грција, Албанија, Полска, Црна Гора, Шри Ланка, Босна и Херцеговина и други земји.
-Главната цел на оваа конференција е да ги собере на едно место научните работници и стручната јавност од Република Македонија и од странство заради размена на мислења и перспективи за најважните прашања поврзани со безбедноста на светот во 21-от век. Тргнувајќи од сложениот сплет на истражувачки интереси кој беше развиван низ децениите, речиси истовремено во сферата на безбедноста, одбраната и мировните студии, идејата е да се промовира интердисциплинарниот пристап и да се овозможи дијалог помеѓу дисциплините и различните школи на мислење, информираат организаторите.
Инаку Институтот за безбедност со организирањето на овој натсн одбележува 40 години од неговото постоење. Станува збор за Институт кој во континуитет продуцира кадри во областа на одбраната, мирот и безбедноста почнувајќи од 1975 година.
OhridNews