По повод Денот на македонската револуционерна борба 23 Октомври, вчера при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше отворена изложбата „Вардарскиот регион низ документите во државниот архив на Република Македонија.
Охриѓани имаа можност да се запознаат со околу 200 документи и бројни фотографии на 29 поставени паноа од различни периоди.
„Изложени се околу 200 документи кои заедно со фотографии се поставени на 29 паноа и едно вонредно. Тие се распоредени тематски и по региони. Поставени се документи од османлискиот период, од периодот под српска власт во Македонија 1914-1941, период под бугарска власт 1941-1944 и периодот до 90-тата година, односно до воведувањето на повеќепартискиот систем во земјава.“ -вели Слободан Ников, директор на подрачното одделение на Државниот архив во Велес и автор на изложбата.
Најстариот документ кој е изложен во оваа поставка датира од 1786-тата година, а меѓу позначајните се пасошот на Константин Кирков, еден од учесниците во солунските атентати.
„Најстариот документ е купо-продажен договор од османлискиот период. Имаме пасош на Константин Кирков и неговото семејство. Добро е оваа изложба да ја посетат учениците од основните и средните училишта, бидејќи ќе имаат што да видат, односно тоа ќе им биде еден убав историски час.“ – потенцира Ников.
Инаку, изложбата до сега е поместена во Велес, Неготино, Кавадарци, Гевѓелија, Прилеп, Битола и Охрид, а идниот период ќе биде претставена во источниот дел на Македонија.
Настанот е во организација на Државниот архив на Република Македонија – Одделение Велес и општина Велес.
O.T.