Во февруари годинава во државава се издадени 387 одобренија за градење, што е за 9,9 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидена е изградба на 951 стан со предвидена вредност на објектите од 8.819.983.000 денари, што е за 10,9 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во Охрид биле издадени 10 одобренија за градење од кои 8 на физички лица, а 2 на деловни субјекти. Предвидена е градба на 75 станови со вкупна корисна површина од 4.968 м². Во овој месец во општините Струга и Дебрца не се издадени одобренија за градба, велат податоците од ДЗС.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење на ниво на држава, 171 (44.2 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 119 (30.7 проценти) од нискоградба и 97 (25,1 процент) за објекти за реконструкција. На 216 објекти (55,8 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 171 (44,2 проценти) инвеститори се деловни субјекти.

OhridNews