Во дел од малопродажните објекти и ресторани во Охрид и Струга била откриена нелегална продажба на акцизни добра односно алкохол и цигари, во рамки на контролите кои ги извршиле Царинската управа и Управата за јавни приходи во периодот од 27-ми до 30-ти јули 2015 година.
Според информациите кои се објавени на веб-страницата на Царинската управа, биле контролирани 50-тина објекти на цела територија на Република Македонија, каде се продава ваква стока, како што се кафе барови, ресторани, маркети и продавници. Во рамки на овие контроли во 13 објекти била откриена незаконска продажба на алкохолни пијалоци и цигари.
-Притоа привремено се задржани околу 117 литри жестоки алкохолни пијалоци без или со странски бандероли за кои не е платена акциза и за кои не постојат документи за потекло и за здравствена исправност. Од нив 69 литри се домашна ракија, а остатокот се различни видиви жестоки алкохолни пијалоци: виски, узо, ракија, ликери и слично. Во една продавница во Струга, во бункер во подот под пултот за продажба, откриени се и 23 кутии цигари Marlboro и Prestige без и со странски бандероли, информираат од Царинската управа.
Оттаму нагласуваат дека овие контроли се спроведуваат со цел да се обезбедат основните принципи за фер конкурентност, правилна наплата на буџетски приходи, но пред сé да се заштити здравјето на луѓето.
Како резултат на сите мерки поврзани со акцизите, што ги презема Царинската управа во континуитет, но и зајакнатите контроли на употребата на акцизните маркички, во периодот јануари до јули 2015 наплатени се приближно 15% повеќе акциза за тутун и тутунски производи отколку во истиот период во 2014 година.
Акциите за откривање нелегална продажба на акцизна стока ќе продолжат и понатаму.
OhridNews