Во дел од малопродажните објекти и ресторани во Охрид и Струга била откриена нелегална продажба на акцизни добра, во рамки на контролите кои ги извршила Царинската управа на Република Македонија на 24-ти и 25-ти јуни 2015 година.

Според информациите кои се објавени на веб-страницата на управата, биле извршени вкупно 176 контроли на цела територија на Република Македонија при кои биле откриени 27 случаи на нелегална продажба на акцизни добра (алкохол и тутун) при што се привремено задржани 238 литри алкохол и 11 килограми режан тутун за пушење, за што се спроведуваат законски предвидените прекршочни или кривични постапки.

Минималните казни за овие прекшоци се 3.000 евра за правното лице и 500 евра за одговорното лице во правното лице, како и забрана за вршење на дејност при повторување на прекршокот, додека за кривичните постапки е предвидена парична казна и казна затвор.
 
Царинската управа согласно плановите, ќе продолжи со редовни контроли на акцизните добра во малопродажба на целата територија на Република Македонија со цел спречување на нелегален промет на акцизни добра и заштита на конкурентноста, спречување на неплаќање на давачки и заштита на здравјето на луѓето кое може да биде загрозено со употреба на вакви непроверени производи.

OhridNews