Додека законските прописи дозволуваат функционирање на паралелки со помалку од 24 ученици, локалната самоуправа ќе се залага за нивно и понатамошно функционирање, изјави градоначалникот Никола Бакрачески на денес одржаната седница одговарајќи на советничко прашање поставено од советникот Јоне Станкоски, кој рече дека се шират гласини дека ќе дојде до затворање на ваквите паралелки.
– Додека законските прописи дозволуваат задржување на потребниот број паралелки кои во овој момент функционираат во општина Охрид , ние нив ќе ги планираме и понатака. Летниот период ќе го искористиме за анализи и изработка на стратегија околу големиот број паралелки и ангажирани лица во образованието, но додека законските регулативи овозможуваат ние и понатаму ќе сметаме на нивниот ангажман, рече Бакрачески.
Тој додаде дека локалната самоуправа и понатаму ќе продолжи да влијае врз централната власт за добивање на подобри позиции и подобар буџет за основните и средни училишта во општината, чии средства со кои располагаат не се доволни.
– Особено е тешка состојбата со основните училишта. Средствата кои општина Охрид ги добива од министерството за образование во вид на блок дотации, за основните училишта се доволни само за исплата на платите и ништо повеќе. Се она што значи други трошоци, за комунални услуги, потрошена електрична енергија, греење ги покрива општината, потенцира градоначалникот.
Во средните училишта состојбата е подобра, бидејќи буџетот наменет за нив е доволен да се покријат и останатите трошоци.
OhridNews