За новогодишните празници Охрид ќе се исполни со гости од соседството.

Србија, Бугарија, Грција, Албанија и Црна Гора- се земјите од кои се најголемиот број најавени гости кои се одлучиле највеселата ноќ да ја поминат на брегот на Охридското езеро.

Како што информираат од охридските хотели, резервациите веќе се во тек. Цената за тродневните аранжмани по особа, во кои се вклучени две ноќевања и прославата на новогодишната вечер, се движат од 90 евра во хотел Десарет до 199 евра во хотел Милениум.

Има најави и од гости од земјава, но како што потенцираат охридските хотелиери, македонските гости резервациите најчесто ги прават во последен миг, односно на два дена пред новогодишната вечер.

Засега, според извршените резервации, целосно исполнет е единствено капацитетот на хотел Дрим во Струга каде Новата година ќе ја прослават гости од Бугарија, Грција, Словенија, Албанија и Македонија. Цената на тродневниот аранжман во овој хотел е 129 евра на особа.


Истиот износ ќе го платат и охриѓаните кои ќе се одлучат за празниците да заминат на една од најактуелните дестинации во моментов- Истанбул. Според информациите добиени од охридските туристички агенции, цената на аранжманот за Истанбул, со автобуски превоз, изнесува околу 120 евра. 

Освен за Истанбул, охриѓани се заинтересирани и за европските метрополи како што се Прага, Будимпешта, Виена и Париз. – Барани се и аранжманите за Рим со автобуски превоз преку Албанија кои чинат околу 200 евра, велат од ТА Елида Турс. 

Т. К.