На вакциналните пунктови во земјава заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 186.146 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 219.977 дози вакцини, а ревакцинирани се 33.831 граѓанин. Со последните бројки 43% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 33% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
На вакциналниот пункт во салата „Билјанини извори“ во Охрид, до сега се вакцинирале 13.000 лица, а одзивот е добар, информира Д-р Горан Балевски, директор на Општа болница Охрид. Дополнител
Вакцинирањето во регионалниот вакцинален пункт во спортската сала „Билјанини извори“, што се одвива со кинеската вакцина на „Синовак“, тече во најдобар ред. Одзивот е добар и најголем дел од пријавените доаѓаат да примат вакцина. Во еден ден неодамна имавме 1400 пријавени, а се јавија 1300. Дел не доаѓаат бидејќи го прележале Ковид 19, а има и такви кои бараат да се вакцинираат со друга вакцина, од разни причини, патувања и слично, но сметам дека сите треба да се вакцинираат затоа што само така ќе ја победиме пандемијата. – вели Д-р Балевски.
Бројот на вакцинирани во Охрид е поголем, затоа што во функција е и Вакциналниот пункт на Здравствениот дом кој се наоѓа во Општата болница, додава Д-р Балевски. Тој е оптимист дека пандемијата полека ќе олабавува, за што говори и податокот дека во моментов во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани само 30 пациенти, што е неколкукратно помалку во однос на минатиот месец, кога капацитетите на Општата болница и Кардиолошкиот завод беа максимално исполнети со ковид пациенти.
Г. Момироски