Рекордни 35 степени Целзиусови под сенка се очекува деновиве  да достигне температурата во Охрид. На сонце е потопло за неколку степени.

Охриѓани и туристите се разладуваат во Охридското Езеро, но иако е пеколно топло, во шпицот, на плажите има помалку луѓе од вообичаено што се должи на претпазливоста на граѓаните кои ги почитуваат препораките на лекарите да се избегнува сонцето во најжешкиот период од денот, односно од 10 до 17 часот.


Африкански температури во Македонија

Уште потопло е во метрополата и другите градови во земјава. Во Скопје вчера беа измерени 43 степени. Вакво  време со сахарски топол ветар ќе преовладува и во наредните денови, а благо снижување на температурите се очекува дури во  четврток, велат синоптичарите.

Владата соопшти дека ја следи состојбата со топлотниот бран и високите температури што ја зафатија Македонија и е подготвена да реагира доколку има потреба. Засега снабдувањето со електрична енергија и со вода се одвива непречено. Болниците се подготвени и снабдени со потребните лекови за евентуална вонредна состојба, информираше владиниот портпарол Ивица Боцевски.

Г. Момироски