Во Њујорк за прв пат по повеќе од 60 години, се доселиле повеќе луѓе отколку што се отселиле, покажале податоците за 2012 година, за кои градоначалникот Мајкл Блумберг рекол дека претставуваат сведоштво за квалитетот на животот во најголемиот американски град. Американското биро за статистика навело дека во јадрото на градот сега живееле рекордни 8,3 милиони лица.

Според проценките на ова тело, бројот на жители во Њујорк за две години се зголемил за повеќе од 161 илјада. Зголемувањето исто така се препишува на се поголемиот природен прираст и се подолгиот животен век на луѓето. Бројот на жители во многу големи градови во САД почнал да се намалува после Втората светска војна, бидејќи луѓето се почесто заминувале да живеат во предградијата.