Реконструиран скелет од еден од најголемите досега откриени диносауруси е изложен оваа седмица во Природонаучниот музеј во Њујорк. Станува збор за фосил од титаносаур долг 37,2 метри, кој живеел на тлото на денешна Патагонија, пред околу 100 до 95 милиони години. Изложениот диносаурус припаѓа на новооткриена врста која сеуште нема научен назив, изјавија палеонтолозите кои неговите остатоци ги пронајдоа во 2014 година, во аргентинскиот дел на Патагонија.

Како што пренесуваат агенциите, фосилот од џиновскиот диносаурус е ископан во пустината недалеку од местото Ла Флека, 216 километри западно од градот Трелеу. Колосалниот експонат поставен во Њујорк е толку голем што вратот и главата на диносаурусот се простираат надвор од изложбениот простор во холот на музејот близу лифтовите. Истражувачите веруваат дека скелетот припаѓал на млад возрасен диносаурус, чиј пол не е утврден, кој бил тежок 70 тони, колку 10 африкански слонови.