Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во ноември 2023 година во државава се издадени 318 одобренија за градење, што е за 10.2 % помалку во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 11 726 317 илјади денари, што е за 31.2 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Во Охрид биле издадени 14 одобренија за градба на осум физички лица и шест деловни субјекти. Предвидена е градба на 140 станови, со вкупна корисна површина од 8.500 м2. Предвидената вредност на објектите изнесува 421 643 илјади денари. Во овој период во Струга нема издадени одобренија за градба, велат податоците на ДЗС.

На ниво на држава, од вкупниот број издадени одобренија за градење, 171 (53.8 %) е наменето за објекти од високоградба, 70 (22.0 %) за објекти од нискоградба и 77 (24.2 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 318 објекти, на 182 (57.2 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 136 (42.8 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 655 станови, со вкупна корисна површина од 55 047 м2.

OhridNews