Претпладнево во Ниш, во Спортската сала Чаир, почна вакцинацијата на бизнисмени и нивни вработени од Македонија.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, охриѓанецот Бранко Азески, вели дека вакцинацијата се одвива во најголем ред и со почитување на најстроги безбедносни критериуми.

Само до 10 часот, вакцинирани се повеќе од 300 лица, а во обезбедувањето на подобри услови за патување и побрзо стигнување на вакциналниот пукт, се вклучиле и Министерството за внатрешни работи, преку личен ангажман на министерот Оливер Спасески.

Како што појаснува Азески, рано наутро, имало мало задржување на границата, но отворени се сите 4 приоди за влегување, така што сега се патува без задржување на Табановце.

Покрај од Македонија, денеска и утре, ќе се вакцинираат и од бизнис секторот на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Албанија.

Вакцините се обезбедени преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ), кој делува од 2015 година, со седиште во Трст, под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, а во рамките на Берлинскиот процес.

Како една од трите институции на подрачјето на Западен Балкан, која се обидува да ја подигне размената и да ги елиминира бариерите во економската соработка помеѓу шесте земји од Балканот, ја организиравме оваа заедничка акција за имунизација на бизнисмени од регионот, која е во интерес на одржување на бизнисите и работните места, додава Бранко Азески, инаку ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум.

Станува збор за 7.500 вакцини, од кои за македонскиот бизнис сектор се одвоени 1.650, колку и за Босна и Херцеговина.

Од Република Албанија, преку оваа акција, ќе се вакцинираат 1.500 бизнисмени, додека Стопанската комора на Србија, за вакцинални места ги одреди најблиските градови за сите 6 земји.

Акцијата на терен ја координира Стопанската комора на Србија, заедно со Стопанската комора на Северна Македонија.

Управниот одбор, на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), одржа седница во Подгорица,. Пријатно сме изненадени од брзината на позитивниот одговор на српската страна, што уште еднаш ја потврдува тезата дека бизнисот не признава граници и во секоја ситуација ја изразува својата кооперативност. За брзо време, од квотата од 10.000 вакцини, засега ќе искористиме 7.500, појаснува Бранко Азески, претседател на СКМ и ко-претседател на КИФ.

Генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум во Трст е Д-р Тања Штерјова-Душкоска, исто така, од Стопанската комора на Македонија.

Веле Митаноски