Силен дожд проследен со грмежи и ветер ја зафати во вчера вечер Србија. Најпогодена е Војводина, каде ветерот соборуваше дрвја, причинувајќи материјална штета. Одделот за итна помош спаси пет лица, една жена е повредена, а десетгодишно дете загина во Нови Сад од струен удар или гром, јави дописникот на МИА од Белград.
Поради невремето без струја се делови од Нови Сад, Бачка Паланка, Темерин, Жабља, Футог, Зрењанин. Невремето ги погоди и Сомбор и Суботица кои исто така имаа прекини на електричната енергија.
Припадниците на Одделението за вонредни состојби на МВР спасија пет лица, од кои две деца. Меѓу нив е вработена во трафика во Нови Сад врз која падна дрво од невремето, а пожарникарите-спасувачи од Нови Сад спасија уште четири лица, меѓу кои и две деца од такси кое беше погодено од дрво.
Во Нови Сад, од невремето „одлета“ дел од покривот на Новосадски саем, а соборен е и кран на градилиштето во Детелинара, при што беа оштетени соседните згради.
И во Белград имаше пороен дожд со грмеж и силен ветер. Аеродромот Никола Тесла беше привремено затворен.
OhridNews
фото. МИА