Оваа недела навечер, во Лос Анџелес ќе се одржи 94-та свеченост на доделувањето „Оскари“ – можеби светски најпрестижната филмска награда, што ја доделува Американската академија за филмски уметности и науки.
Темниот психолошки каубојски филм на Џејн Кемпион – „Моќта на кучето“ доби номинации за најдобар филм, режисер, најдобар глумец, машка и женска споредна улога. По него, со најмногу – 12 можности за одличја, „Дина“ на Денис Вилнев има вкупно 10 номинации. По седум номинации за „Оскар“ добија „Белфаст“ на Кенет Брана и преработката на мјузиклот „Приказна од западната страна“, овојпат режирана од Стивен Спилберг. Брана и Спилберг се номинирани во категоријата најдобар режисер.
Свеченоста, која ќе се одржи во театарот Долби, ќе ја водат три глумици – Реџина Хол, Ејми Шумер и Ванда Сајкс. Тоа ќе биде првпат во историјата „Оскарите“ да имаат три дами водителки.
Од академијата изјавија дека доделувањето на некои „Оскари“ ќе се снима однапред, со цел телевизискиот пренос да биде подинамичен и попривлечен за публиката.
Се очекуваат и музички настапи на Бијонсе и Били Ајлиш.
Засега има гласини и за видеообраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој од почетокот на руската инвазија се обраќа на меѓународни средби и важни настани, барајќи поддршка и помош.
Гостите и годинава ќе треба да покажат документ за вакцинација против коронавирус или негативен тест за вирусот. Како што неодамна објави „Њујорк тајмс“, маските нема да бидат обврзни, освен зад завесите и во помалите затворени простори на „Долби театарот“.
На секоја годишна ваква свеченост се доделуваат околу 50 статуетки, чија изработка трае најмалку три месеци. „Оскарите“ ја завршуваат сезоната на филмски награди во светот.
Пред доделувањето на Оскарите, претходат наградите на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА), на Здружението на продуценти на Америка (ПГА), Здружението на режисери на Америка (ДГА) и „Златните глобуси“. Овие награди честопати се показатели за тоа кој би можел да го добие и „Оскарот“.
OhridNews