Почитувајќи ги препораките на Владата, со кои се дава можност за редуцурање на работното време и организација на работата во смени, а со цел заштита од коронавирусот Ковид 19, службите во Општина Охрид од понеделник 26 октомви, ќе работи двосменски.

Согласно Одлуката на градоначалникот Константин Георгиески, секретарот на Општина Охрид Игор Бежоски, со интерен акт ги задолжи раководителите на сектори и одделенија во локалната самоуправа да ја организираат работата во смени. Првата смена ќе почнува во 07:30 часот или 08:00 часот, а ќе завршува во 13:30 ч. или 14ч., додека Втората смена ќе биде од 14ч. до 19ч.

На овој начин ќе се намали физичкото присуство на голем број вработени и странки во даден момент, со што ќе се намали ризикот од ширење на заразата, а со рационализацијата и поделбата на работата во смени ќе им се излезе во пресрет на граѓаните своите обврски да може да ги завршуваат и попладне, а тоа да не влијае на нивните секојдневни работни обврски.

Општина Охрид, како и останатите во земјата, бележи пораст на заболени од Ковид 19, но состојбата во градот засега е под контрола. Општата болница во Охрид и натаму има капацитети да одговори на предизвикот, а мерките на заштита кои се преземаат на централно и локално ниво треба да придонесат за амортизација на есенскиот удар на коронавирусот кој галопира во земјата и Европа.

Г.М.