Во терористичкиот напад на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, кој се случи во вчеравечер, загинаа 31 лице, а 147 се повредени, изјавил за Ројтерс министерот за правда Бекир Боздаг. Нападот го извршиле тројца бомбаши самоубијци, кои експлозивот го активирале на влезот во аеродромот. Најголем дел од жртвите се турски државјани, но меѓу нив има и странски државјани, соопштија турски официјални лица, без да прецизираат од кои држави се загинатите странски државјани. Според министерот за правда „еден од терористите пред влезот во ародромската зграда на меѓународниот терминал, најпрвин отворил оган од калашњиков, а потоа го активирал експлозивот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го осуди нападот на аеродромот „Ататурк“, оценувајќи дека целта на нападот е да ја „поткопа стабилноста на Турција убивајќи невини луѓе“. Ердоган порачал дека очекува светот да заземе „решителен став“ против терористичките групи и повикал на заедничка борба против тероризмот. Турскиот претседател рекол дека Турција нема да се откаже од борбата против тероризмот и дека неговата земја има „сила, решителност и капацитети да оди до крајот“.

Турската полиција верува дека зад самоубиствените бомбашки напади стои Исламската држава. Агенцијата Доган цитира неименувани полициски извори во Истанбул дека „Исламската држава стои зад нападите“, додека неименуван безбедносен извор рекол дека сеуште е рано да се утврди дали постои врска помеѓу нападот и Исламската држава.

Од македонското министерство за надворешни работи информираат дека во нападот нема загинати или повредени македонски државјани.

OhridNews
извор Макфакс