Советот на Општина Охрид, денеска со почеток во 11 часот, ќе ја одржи 24 седница, на која на дневен ред ќе се најдат Планот за изменување на годишниот план за вработување за 2019 година, предлог- програмата за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2019 година, како и повеќе легализации на бесправно изградени објекти.

Токму околу точките од сферата на урбанизмот се очекува да се развие најмногу расправа, дотолку повеќе што веќе со денови во јавноста топ тема е легализацијата на седум бесправно изградени објекти во авто кампот Градиште. На оваа тема опозицијата одржа неколку преса и побара јавно да се обелоденат сопствениците на објектите.

Силни реакции пристигнаа од сопстевениците на национализирани имоти во Градиште, кои бараат оваа точка да се симне од дневен ред, а институциите да ги заштитат нивните права.

Реагираа и невладини организации и екологисти, кои исто така бараат повлекување на точката за легализација на објекти во Градиште.

Силните реакции најверојатно се вовед во бурна седница, но претседателката Ангелоска очекува советниците да го задржат нивото на политичка култура.

24 седница е веќе закажана, очекувам дека позастапени ќе бидат политичките говори, но познавајќи ги своите колеги советници, убедена сум дека ќе се задржи високото ниво на политичка култура и неповредливоста на туѓиот авторитет и интегритет. – изјави во разговор за OhridNews на 30 јануари претседателката на советот Живка Ангелоска.

OhridNews