Поголемиот дел на рекреативната патека, од мостот кај каналот Студенчишта па се до хотелот Парк, веќе неколку месеци е во тотален мрак. Охриѓани кои од здравствени и рекреативни причини, се шетаат на овој дел од градското крајбрежје, се жалат дека после плажата  Куба Либре, во вечерните часови не функционира ниту една канделабра.

-Од здравствени причини морам да пешачам и заради почистиот воздух, препорачано ми е да се движам покрај езерото. Поради работни обврски не сум во можност да излегувам на пешачење преку ден, па затоа одам на пешачење во вечерните часови. Но тогаш на рекреативната патека поради неосветленоста нема услови за спокојно рекреирање.- вели еден  наш сограѓанин, кој редовно пешачи.

Тој нагласува дека покрај него оваа рекративна патека во вечерните часови ја користат уште најмалку сто охриѓани и вели дека овој број би бил многу поголем доколку се реши проблемот со осветлувањето.


Во мрак – рекреативната патека покрај езерото

Не ни беше овозможено да ја чуеме и другата страна на овој проблем, односно да ги прашаме надлежните служби за јавно осветлување, затоа што на Отворениот телефон за јавно осветлување 071/321-192, кој е објавен на веб страницата на Општина Охрид, една недела секојденвно се обидувавме, но не успеавме да ги добиеме. На овој телефонски број  не се јавуваше никој, иако сигналот покажуваше  дека линијата е во функција. Инаку оваа линија Општина Охрид ја отвори за поефикасно реагирање, во случај на дефекти во осветлувањето низ градот.

Е.Е.