Првиот безбедносен предизвик доаѓа од пандемијата Ковид-19 и поради тоа е потребно зајакнување на капацитетите на институциите за справување со евентуален нов бран од корона-епидемијата. Ова беше истакнато на 11-тата Меѓународна научна конференција „Евро-атланските вредности на Балканот“ што во  организација на Факултетот за безбедност од Скопје и германската фондација „Ханс Зајдел“, се одржува во Охрид.

Зборувајќи за безбедносните ризици поврзани со коронавирусот, проректорот на УКЛО, професорот Марјан Ѓуровски истакна дека  се уште е отворено прашањето колку безбедносниот систем и системот за кризен менаџмент и управување со кризи е подготвен да одговори и се справи со евентуалниот нов бран на пандемијата.

Некој ќе рече дека системот ја потврдил својата подготвеност, но поминаа точно три месеци од завршување на вонредната состојба во земјата. Дали и што применивме од научените лекции од полицискиот час, законското нормирање и носењето на одлуките во вонредна состојба, координација, субординацијата и други бројни прашања? – праша Ѓуровски.

Според него, евентуални нови ад хок решенија за координација и соработка на безбедносните служби нема да го дадат потребниот ефект и на тој начин не може да се исклучи можноста опасноста да се зголеми.

Ние како академска фела го кажавме нашето мислење и сега се пали црвеното светло кое ни сигнализира дека се доцни со подоготвка и потоа донесување бројни решенија и законски модели на фукнционално делување на безбедносниот систем во услови на пандемија во евентуална кризна или нова вонредна состојба. – истакна Ѓуровски.

Покрај актуелната здравствена криза, според Ѓуровски предизвик за регионот претставуваат и заканата по економската безбедност како последица од пандемијата и евентуално новите зголемени рестриктивни мерки за заштита од неа, но и отворените прашања во регионот како што се недефинираниот статус на Косово, Република Српска, Санџак, политичката нестабилност во Црна Гора, Бугарија и Албанија, односите меѓу Турција и Грција. Надворешните влијанија и натаму се сериозен предзвик за безбедноста на регионот, како и радикализмот, насилниот екстремизам и тероризам, а посебен проблем претставуваат корупцијата, организираниот криминал и неефикасното судство, посочи Ѓуросвки.

Научниот собир го поздрави градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески. Тој изрази надеж дека потврдените заклучоци, кои ќе произлезат од изнесените научни трудови ќе овозможат спроведување на рационални и прифатливи решенија за заедничка соработка, особено во областа на безбедноста.

Евро-атланската интеграција и членството помеѓу најмоќните претставува извонредна шанса за балканските држави кои имаат помало меѓународно влијание и ограничени ресурси. Покрај унапредувањето на соработката со светските сили, од исклучителна важност е и воспоставувањето на регионално сојузништво. Само преку ваков вид на соработка, ќе покажеме дека и самите поседуваме зрелост и способност да направиме нешто за регионот и за своите граѓани.Охрид отсекогаш бил и ќе остане космополитски центар на Балканот, па затоа посакувам да биде појдовна точка за нови видици кон регионалниот напредок. – рече Георгиески.

На меѓународната конференција учествуваат врвни професори и научни работници од регионот и пошироко.

OhridNews