Едно од најактивните роднокрајни друштва во Мелбурн, во државата Викторија, Австралија, Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски Чудотворец“, свечено, масовно и достоинствено го одбележа денот на својот патрон, и познатиот духовен македонски празник.

На традиционалната манифестација што се одржа во раскошниот Емералд Ресепшн во Томастаун, присуствуваа околу 400 гости.

Собирот го отвори секретарот Дончо Каневче, а пригодно обраќање имаше претседателот на Охридското друштво Васко Ангеловски, еден од најзаслужните, заедно со своите колеги, за одржувањето на традицијата и активностите кои ги иницира и реализира друштвото високо позиционирајќи се на мултикултурната мапа на Австралија.

Меѓу другото, Ангеловски истакна дека гордоста е голема кога се оддржуваат традициите, обичаите и континуитетот на вредностите. Кога се афирмира својот народ и вистина. Кога не се забораваат корените и траат спомените. И кога се слават патроните, како нашиот Св. Наум Охридски Чудотворец. При тоа, порачувајќи, дека ни е потребно семакедонско обединување и сплотување, како и битка против негаторите на нашето име, јазик и идентитет. Битка која треба да ја водиме без пардон и без разлика каде сме и од каде сме.

Важно е дека името ни е македонско, дека корените ни се македонски, и дека нас нѐ спојува нашата мајка Македонија, истакна меѓу другото претседателот Васко Ангеловски во своето пригодно обраќање.

 

За убавото расположение на овој голем славенички собир се погрижија естрадните уметници Татјана Лазаревска и Новица Василески пратени од одличната музичка група Легато.

Инаку, кумови на манифестација оваа година беа фамилијата Каневче а нов кум догодина, на одбележувањето на четриесетгодишнината од одбележувањето на патрониот празник на Охридското социјално друштво и духовниот празник Св. Наум Чудотворец, ќе биде Васко Ангеловски.

Сѐ на сѐ, во Мелбурн Охридското социјално друштво навистина организира прекрасна вечер, која долго ќе се памети.

Текст Лидија Ангеловска
Фото Петар Димовски