Во масовната гробница во украинскиот град Буча, во близина на Киев, пронајдени се 57 тела на убиени цивили, изјави денеска шефот на локалниот спасувачки тим Серхи Каплични.

Тука, во оваа долга гробница, се закопани 57 луѓе, изјави Каплични за АФП, кој ја организираше ексхумацијата.

Претходно, на социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат безживотни тела на улиците на градот Буча. Дел од западните медиуми објавија дека најмалку 20 мртви мажи во цивилна облека биле пронајдени на една улица откако украинските сили вчера ја вратија контролата врз Буча.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги опиша фотографиите од Буча како неподносливи. Тој го сподели своето сочувство со Украинците и жртвите, додавајќи: „Руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства“.

Шефот на германската дипломатија Аналена Бербок денеска изјави дека Русија мора да плати за своите, како што рече, „воени злосторства“ во украинскиот град Буча, недалеку од главниот град Киев, во форма на построги санкции.

Сликите од Буча се неприфатливи, нескротливото насилство на Путин ги брише невините семејства и не познава граници. Одговорните за овие воени злосторства мора да одговараат. Ќе ги заостриме санкциите кон Русија и уште повеќе ќе и помогнеме на Украина во одбраната, напиша Бербок на Твитер.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика меѓународните организации како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да им биде дозволен пристап до погодените области со цел независно да се документира она што тој го опиша како „ѕверство“.

Шолц, исто така, ја повика Русија конечно да се согласи на прекин на огнот и да ја запре оваа „страшна, бесмислена и неоправдана војна“.

OhridNews

Во Буча откриена масовна гробница (вознемирувачки материјал)